Емануел Макрон доби шлаканица додека се поздравуваше со насобраните граѓани за време на неговата вчерашна посета на јужна Франција во близина на градот Валенс, со што инцидентот го отвори прашањето каде беше неговото обезбедување и кој воопшто е задолжен за да го штити францускиот претседател. На видеоснимката од инцидентот се забележува дека маж во зелена маица го удира францускиот претседател, извикувајќи „долу со макронизмот“ пред да реагира обезбедувањето. Две лица се уапсени, како што пренесоа француските медиуми.

За безбедноста на францускиот претседател за време на јавни настани е задолжена Безбедносната група за претседателот на републиката (ГСПР). Службата основана во 1983 година брои 77 припадници.

Нејзините припадници ги пребаруваат локациите и се грижат дека се безбедни пред секоја посета на францускиот претседател. Вооружените членови на ГСПР внимателно го чуваат претседателот за време на јавните настани. Француската телевизија „Бе-еф-ем“ извести дека 10 припадници на ГСПР го придружувале Макрон за време на вчерашната посета.

Извесно е дека работењето на службата и нејзините членови кои беа задолжени за безбедноста на Макрон ќе се најдат во фокус на тамошната јавност по инцидентот. Францускиот претседател рече дека станува збор за изолиран инцидент, а веднаш потоа беше најавено дека ќе ја продолжи неговата посета на југот на Франција.