Северна Кореја на Јутуб емитувала низа мистериозни броеви за кои се претпоставува дека се шифрирани пораки за нејзините шпиони на југ.

На Јутуб каналот на државното радио Пјонгјанг било објавено видео, во кое спикерка прочитала „задача за ревизија на информатичката технологија на оддалечен универзитет за образование за агенти бр. 719 од експедицијата“, пренесува јужнокорејската агенција „Јонхап“.

Таа повторувала фрази како „број 23 на страница 564, број 19 на страница 479“ во период од околу една минута на видеото, кое е прегледано 2.500 пати до 11 часот по локално време.

Броевите не се емитувани на радио.

Северна Кореја емитувала такви, наизглед случајни броеви преку радио уште од периодот на Студената војна, а последен пат тоа го направила на 7 и 13 март. Ова е првпат Пјонгјанг да ја користи глобалната платформа за размена на видео-снимки за испраќање на кодирани пораки.