Владите треба да размислат за солидарно даночење на поединците што се збогатија за време на пандемијата на коронавирусот за да се намали екстремната нееднаквост, рече генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш.

– Треба да се осигуриме дека парите се насочени таму каде што се најпотребни. Најновите извештаи сигнализираат дека богатството на најбогатите луѓе во светот скокна за 5.000 милијарди долари во изминатата година – рече Гутереш на состанокот на ОН за финансирање на развојот.

– Апелирам до владите да размислат за воведување солидарен или данок на богатство за оние што профитираа за време на пандемијата за да се намали екстремната нееднаквост – нагласи Гутереш.

Тој повтори дека групата од 20 богати и големи економии треба да го продолжи мораториумот за сервисирање на долгот до 2022 година и да го прошири за да им помогне на економиите во развој и оние со средни приходи да закрепнат од пандемијата.