Истражниот комитет на Американскиот Конгрес, задолжен за утврдување на вистината за немирите во Капитол минатиот јануари, потврди дека записите биле доставени до нив.

Документите им ги даде Марк Медоус, шефот на кабинетот на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, кој се согласи наскоро да се појави и да даде изјава.

-Господинот Медоус соработуваше со комисијата преку неговиот адвокат. Тој ни ги достави бараните записници и наскоро ќе ја даде првата изјава- изјави демократот Бени Томпсон, претседател на истражниот комитет на Претставничкиот дом, пренесува „Ројтерс“.

Тој посочи дека ова тело очекува сите сведоци да ги достават сите барани информации кои одборот има законско право да ги побара и добие.

Томпсон додаде дека одборот ќе продолжи да оценува до кој степен поранешниот шеф на кабинетот на поранешниот американски претседател Доналд Трамп ги почитува следните повици на ова тело, дури и откако ќе ја достави бараната документација и ќе ја даде првата изјава на Марк Медоус.

Поранешниот американски претседател ги повика своите соработници да не соработуваат со истражниот комитет предводен од демократите, бидејќи, како што оцени, таа истрага е политички мотивирана.

Тој тврди дека неговата комуникација е заштитена со привилегија на претседателски имунитет, иако многу правни експерти велат дека овој принцип не важи за поранешните претседатели.

Поддржувачите на Трамп упаднаа во Капитол Хил и во зградата на американскиот Конгрес на 6 јануари во обид да го спречат Конгресот официјално да ја потврди победата на Бајден на претседателските избори во 2020 година.