Вкупно 60 проценти од децата бегалци во Турција имаат психички проблеми, јави турската агенција Анадолија, цитирајќи податоци од истражувања спроведени во Турција и во светот.

Истражувањата покажале дека повеќето деца бегалци страдаат од различни психички растројства, изјавил за агенцијата доктор Вејси Чери од истанбулската државна болница Пендик, кој учествувал на Меѓународен симпозиум за психофармакологија во Анталија.

– Од 2014 година спроведовме четири истражувања, во кои учествуваа деца бегалци на возраст од седум до седумнаесет години. Комбинираните резултати од оваа работа покажуваат дека 60 проценти од децата страдаат од најмалку една ментална болест. Најчестите проблеми кај нив се посттрауматско стресно нарушување (ПТСН) и депресија – информира Чери.

Тој додаде дека овие деца не сакаат да ги напуштат местата каде што живеат и да одат на училиште. Дури и ако одат на училиште, повеќето од нив не можат да се концентрираат на час поради проблеми кои влијаат врз нивните ментални способности, информира Чери и додаде дека некои од децата се предмет на исмејување и навреди.

– На тој начин тие се изложени на многу поголем ризик од употреба на дрога и алкохол. Ако не ги излечиме овие деца, на крајот ќе бидеме во ситуација во нашата земја да имаме луѓе без образование кои страдаат од ментални болести и не зборуваат турски – рече тој.

Лекарот истакна дека во моментов во Турција има повеќе од четири милиони бегалци, од кои 1,5 милион се деца, а 700.000 од децата имаат психички проблеми.