Шведскиот обвинител сака да разговара со основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж, во Велика Британија, а истрагата за обвиненија за силување против него е во тек, изјави шведскиот амбасадор во Русија, Петер Ериксон, пренесува „Спутник“.

Судот во Шведска не им дозволи на обвинителите да го уапсат Асанж во отсуство.

– Колку што знам, судот ја отфрли идејата за апсење во отсуство затоа што Асанж веќе е затворен во Велика Британија. Истрагата е во тек. Шведскиот обвинител бара да разговара со Асанж во Велика Британија – рече амбасадорот.

Дипломатот додаде дека тужбата за сексуален напад против Асанж застарела како дело, но продолжила истрагата за тврдењата за силување. Асанж, кој се соочи со обвиненија за сексуален напад и за силување во Шведска во 2010 година, беше засолнет во еквадорската амбасада во Лондон до април годинава кога Еквадор ја повлече својата понуда за азил.

Асанж стравуваше од екстрадиција во САД кога „Викиликс“ објави многубројни доверливи документи на американската влада.

Во мај судот во Велика Британија го прогласи Асанж за виновен за кршење на условите за кауција и го осуди на 11 месеци затвор. САД сега бараат екстрадиција на Асанж по неколку точки, вклучително и за заговор за хакирање компјутери.