Шведското барање за членство во НАТО би „влијаело врз целосната архитектура на безбедносната политика во нашиот дел на Европа“, кажа шведскиот министер за одбрана Питер Хултквист во интервју во Стокхолм, дадено во четвртокот, додавајќи дека „тоа пред се, би ставило силен притисок врз Финска, која има долга граница со Русија“, објавува „Блумберг“.

Двете нордиски нации кои не се членки на Алијансата, го зголемија учеството во заедничките вежби со НАТО откако Русија го анектираше Крим од Украина во 2014 година.

Додека шведските пратеници минатиот месец го поддржаа најголемото зголемување на воениот буџет во последните 70 години, таквиот план, сепак, не би ја достигнал целта на НАТО за вложување на два отсто од државниот БДП во воениот буџет. Но, поголемиот дел од шведскиот парламент истакна поддршка за зачленување во Алијансата.

Шведската влада треба да одговори на барањето на дел од партиите за брзо зачленување во НАТО, ако тоа биде потребно.

 – Ние се залагаме за стабилност и за предвидливост. Затоа веруваме дека фундаменталните доктрини на безбедносната политика не треба да се менуваат. И затоа избравме да создадеме национална воена способност, врз основа на неврзаноста во соработката со други држави – истакна Хултквист, додавајќи дека одбранбената соработка на Шведска со САД била „многу плодна“ во изминатите шест години и оти била „остварена со стабилност“.

Питер Хултквист