Швајцарците денеска на референдум гласаат за забрана на дискриминацијата врз основа на сексуална ориентација.

Швајцарскиот парламент претходно го одобри потегот за проширување на постојното законодавство кое ја забранува расната дискриминација, така што во иднина за нелегално ќе се смета и јавното омаловажување, дискриминација и поттикнување на омраза кон лица врз основа на нивната сексуална ориентација.

Сепак, противниците на овој акт, кои инсистираат на тоа дека со ваквите мерки се крши правото на слобода на мислење, собраа доволно потписи за да издејствуваат референдум по однос на ова прашање.

Анкетите во пресрет на референдумот покажуваат дека постои солидна поддршка кај избирачкото тело за донесување закон против хомофобија.

Референдумите се честа појава во Швајцарија со што на избирачите им се овозможува директно да учествуваат во донесувањето на политичките одлуки.