Швајцарија ја разгледува можноста за затворање на воздушниот простор над Женева за време на самитот на рускиот и американскиот претседател, Владимир Путин и Џозеф Бајден.

Ова денеска го изјави портпаролот на швајцарското Министерство за одбрана, Миреј Флери.

– Можно е воздушниот простор да биде затворен и следен. Засега конечната одлука за ова прашање сè уште не е донесена – рече Флери додавајќи дека подготовките продолжуваат.

Покрај затворањето на воздушниот простор, се разгледуваат и мерките за распоредување дополнителни сили за противвоздушна одбрана, како и борбени авиони, со цел поголема безбедност на претседателите.

Предвидено е Путин и Бајден да се состанат во Женева на 16 јуни, што ќе биде прва руско-американска средба по онаа на Доналд Трамп во Хелсинки во јули 2018 година.