Специјалниот обвинител Роберт Милер потврди дека нема докази оти Трамп соработувал со непријателска странска земја, Русија, за да дојде на власт. Извештајот на Милер, чии извадоци ги објави јавниот обвинител Вилијам Бар, потврдува дека Трамп конечно може да се ослободи од интригите што го давеа неговото претседателство уште од почетокот

Американскиот претседател Доналд Трамп, исто како и на изборите во 2016 година, повторно ги победи критичарите, овој пат откако специјалниот обвинител Роберт Милер потврди дека нема докази оти Трамп соработувал со непријателска странска земја, Русија, за да дојде на власт. Извештајот на Милер, чии извадоци ги објави јавниот обвинител Вилијам Бар, потврдува дека Трамп конечно може да се ослободи од интригите што го давеа неговото претседателство уште од почетокот. Извештајот исто така нуди лично ослободување на претседателот и ново моќно политичко оружје против неговите критичари во Демократската партија и медиумите на почетокот од неговата кампања за реизбор. Но победата на демократите на изборите лани во ноември гарантира дека извештајот не е последниот збор за сагата. Лидерите на демократите веќе побараа објавување на целиот документ и ја доведуваат во прашање интерпретацијата на Бар на извештајот на Милер, наведува Си-ен-ен.

Иако извештајот на Милер целосно не го ослободува Трамп од обвинувањата за опструкција на правдата, неговиот политички симболизам е непобитен. Критичарите на Трамп сигурно ќе сметаат дека специјалниот обвинител му подари огромен политички подарок на претседателот. Но, според Си-ен-ен, друга интерпретација на извештајот е тоа дека ако претседателот не е виновен за криминалот што беше обвинет, тогаш пресудата на специјалниот обвинител е исто како Трамп праведно да победил во легален процес.

Настрана партиската политика, заклучоците на Милер ќе бидат момент за големо национално олеснување. Спротивните заклучоци би значеле дека актуелниот претседател мамел заедно со непријателска странска сила за да ја поткопа американската демократијата. Па, така, земјата најверојатно избега долг политички кошмар, кој на тест ќе го ставеше уставниот систем и ќе ја влошеше актуелната политичка клима.

Но, иако Трамп ја победи првичната битка околу извештајот, војната во Вашингтон околу неговите последици допрва почнува. Демократите во Конгресот веќе бараат објавување на целиот извештај и ветуваат забрзување на нивните истраги сега откако Милер ја напушти сцената. Во фокусот веќе е толкувањето на Бар. Токму Бар, заедно со заменик-јавниот обвинител Род Розенштајн, а не Милер, одлучи дека и покрај тоа што има некои докази за опструкции во извештајот, доказите не се доволни за отворање чист случај.

Потврдата за тврдењето на Трамп дека немало соработка со руската страна сигурно ќе има долготрајни политички и културолошки последици. Тоа им нанесува удар на оние демократи и либерални коментатори, кои одамна се надеваа дека бившиот директор на ФБИ ќе обезбеди смртен налог за претседателството на Трамп.

Од друга страна, фактот дека Милер продуцира таков извештај по две години постојано демонизирање од Трамп и неговите приврзаници, зборува многу за судскиот процес во САД, кој за разлика од актуелната политика, и натаму се раководи врз основа на факти. Милер покажа, судејќи по писмото на Бар, дека Русија навистина се мешала во изборите за да му наштети на противникот на Трамп. Но ако истрагата навистина беше „лов на вештерки“, како што тврдеше Трамп, тогаш тој ќе најдеше начин да го гони претседателот без разлика на тоа што говорат фактите.

Со реакција за заклучоците од извештајот се јави и Белата куќа.

– Специјалниот обвинител не најде никаква соработка и не најде никаква опструкција. Јавниот обвинител Бар и заменик-јавниот обвинител Розенштајн дополнително утврдија дека немало опструкција. Наодите на Министерството за правда се целосно и комплетно ослободување на претседателот на САД – порача Сара Сандерс, портпаролката на Белата куќа.

Во првата реакција на писмото на Бар до Конгресот, во кое се наведени заклучоците на Милер, Трамп порача дека е навистина „срамота што морал да го преживее нелегалниот напад, кој на крајот не успеа“.

[email protected]