Новото истражување што беше објавено во списанието „Нејчр“ пред конференцијата на Обединетите нации за климатски промени во Глазгов откри дека меѓу 2000 и 2015 година, бројот на лица што живеат во ризични области за поплави се зголемил од околу 58 на 86 милиони жители. Токму катастрофалните поплави што избија летово во Германија и Нигерија, а во Кина убија над 300 лица, го кренаа алармот околу состојбата на подготвеност.
Научниците што работат во аналитичката компанија „Клауд ту стрит“, која ја разви базата на податоци за поплави во светот, ги анализираа сателитските снимки од критичните региони во периодот од 2000 до 2018 година. Според анализите, поплавите зафатиле околу 2,2 милиони квадратни километри во 32 држави. Речиси 90 отсто од поплавите се случиле во Јужна и Југоисточна Азија, особено во Кина, Индија и Бангладеш, каде што миграцијата значително се зголеми од 2000 година. Експертите велат дека главните причини за поплавите се силните врнежи од дожд и тропските бури, како и топењето на снегот и мразот. Во истражувањето се проценува дека до 2030 година уште во 25 земји ќе зачестат поплавите.