Највпечатливиот момент од дебатата помеѓу Мајк Пенс и Камала Харис, потпретседателските кандидати на Доналд Трамп и на Џо Бајден, не се должи на она што тие го кажаа, туку на она што гледачите можеа да го видат, пишува „Атлантик“. Тоа се однесува на мигот кога мува слета на главата на Пенс, а тој не реагираше.

– Видовме чуден момент кога мува слета на седата коса на Пенс и потпретседателот воопшто не реагираше. Без сомнение, се јавува дилема што да се стори во таква ситуација. Ако Пенс се обидеше да ја тргне мувата, а таа останеше на неговата глава, и тоа ќе изгледаше лошо. Па така, тој не стори ништо. А таквото непостапување на одреден начин претставуваше моќен визуелен момент. Тоа го симболизираше целото потпретседателство на Пенс и решителното одбивање да се прифатат очигледните негативни реалности. Низ скандалите, криминалот и катастрофите во изминатите четири години, Мајк Пенс беше човекот што се преправаше дека не го забележува тоа. А сега имаше мува на главата која исто така се преправаше дека не ја забележува – наведува американскиот магазин.

„Атлантик“ го критикуваше и однесувањето на американскиот потрпетседател за време на дебатата.

– Мајк Пенс им упаѓаше во збор на Камала Харис и на модераторката Сузан Пејџ и ги игнорираше правилата на дебатата кон кои тој се согласи. Можеше да се слушне и како Пејџ го моли Пенс да се придржува кон редот. Но, Пенс не беше загрижен дека ќе навреди некого – пишува во статијата.