Човекот од кој протекоа документите на Пентагон за војната во Виетнам го бранеше Џулијан Асанж (49) на вчерашното сослушување во Лондон, во случајот за неговата екстрадиција, велејќи дека „Викиликс“ работел во интерес на јавноста, со што предупреди дека Асанж не би добил фер судење во САД, пренесува „Гардијан“.

Австралиецот се бори против екстрадицијата во САД каде што е обвинет за заговор за хакирање на владините компјутери и за прекршување на законот за шпионажа поради објавувањето на доверливи документи од страна на „Викиликс“ во перидот помеѓу 2010 и 2011 година.

Даниел Елсберг кој во 1971 година објави документи познати како „Пентагон пејперс“ во „Њујорк тајмс“ и во други медиуми, му кажа на судот дека откритијата на „Викиликс“ прикажале дека Американците се доведени во заблуда во врска со американската акција во Ирак и во Авганистан, исто како што неговите објави своевремено открија тајни информации за војната во Виетнам.

Џејмс Луис, адвокатот што ги претставува американските власти, тврдеше дека Асанж е баран поради откривање на мал број на документи со нередактирани имиња на извори на САД. Луис наведе дека повеќемина од изворите биле изложени на опасност или закани по нивното именување. Тој додаде дека некои од нив исчезнале, иако призна дека нема докази оти тоа е директно поврзано со објавите на „Викиликс“.

Елсберг кој и самиот беше обвинет за прекршување за законот за шпионажа во случај што подоцна беше отфрлен, кажа дека нема докази за физички повреди или смртни случаи предизвикани од објавите на Асанж. Расправата помеѓу Елсберг и Луис предизвика реакција на Асанж во судницата по што судијата го предупреди да се смири.

Даниел Елсберг за време на неговото судење во 1973 година

Истражувачкиот новинар Џон Гец, кој работеше за германски „Шпигел“ на првата публикација на документите во 2010, кажа дека Асанж внимавал да се осигури оти имињата на изворите во илјадниците тајни американски владини документи нема да бидат објавени.

Адвокатите на Асанж исто така тврдеа дека нивниот клиент нема да добие фер судење во САД и дека обвинувањата се политички мотивирани. Асанж се соочува со затворска казна до 175 години доколку биде осуден во САД. 

Во 2012 година Асанж најде прибежиште во еквадорската амбасада во Лондон за да избегне екстрадиција во Шведска каде што беше обвинет за сексуални престапи. Тој ги негираше обвинувањата кои подоцна беа отфрлени. По седумгодишниот престој, Асанж минатата година беше изнесен од амбасадата од страна на британската полиција и притворен поради прекршување на прописите за кауција во шведскиот случај. Тој е во затвор оттогаш.