Никола Гратери вели дека се чувствува како во куќен притвор

Никола Гратери води голема битка во сиромашната Калабрија против најбогатиот криминален синдикат во западниот свет, додека живее под силно обезбедување

Автори: Маргарите Станкати и Франческа Волпи

Волстрит џурнал

Од запуштениот ридест град во јужна Италија, 61-годишниот обвинител дел по дел ги соборува најмоќните светски криминални организации. Никола Гратери ја води битката против Ндрангета, криминалниот синдикат кој од врвот на чизмата на Италија пушти корени во секој агол од светот и ја води трговијата со кокаин во Европа.

Антимафијашкиот обвинител во декември мобилизираше илјадници припадници на безбедносните сили во операцијата во која беа уапсени над 300 лица, што беше дел од истрагата во која беа разоткриени врските меѓу главниот клан на Ндрангета со локалните власти и политичарите во регионот на Калабрија. Тогаш се случи едно од најголемите мафијашки апсења во поновата историја на Италија и воедно најголема акција против Ндрангета.

Гратери на акцијата гледал како на војна. Самиот потекнува од Калабрија и живее под постојана полициска заштита откако стана обвинител пред три децении. Оттогаш полицијата спречи повеќе заговори на мафијата за негова ликвидација.

Тој почна да ја планира најновата чистка во 2016 година на неговиот прв работен ден како јавен обвинител во Катанѕаро, главниот град на регионот. Но ова беше само почеток за Гратери. Над 500 лица сега се под истрага, а повеќето од нив се во притвор и чекаат судење кое е закажано за крајот на пролетта. За да има простор за сите обвинети, сведоци и адвокати, сала за одбојка со капацитет од 3.200 седишта беше претворена во високо-обезбедена судница.

Меѓу целите на Гратери се највисоките кругови од семејството Манкузо, едно од најмоќните кланови во Ндрангета, како и бизнисмени, граѓански службеници и политичари од целиот идеолошки спектар. Обвиненијата вклучуваат убиства, уцени, корупција, перење пари, припадност и заговарање со криминални синдикати. Некои локални политичари и медиуми ја критикуваа истрагата велејќи дека е претерана и изразија сомнежи дали навистина беа потребни стотиците апсења. Гратери вели дека без апсењата висок бил ризикот за бегство и прикривање докази.

Претстојното судење ќе биде најголемиот случај против италијанската мафија по таканареченото судење против сицилијанската Коза ностра, кое започна во 1986 година, што значително ја ослаби организацијата и ги разоткри нејзините внатрешни операции. Оттогаш Ндрангета постепено ја засенуваше Коза ностра и стана најбогатиот криминален синдикат во западниот свет. Мафијата контролира околу 80 отсто од трговијата со кокаин во Европа и остварува годишен приход од околу 55 милијарди долари, што е многу повеќе од приходите на сите наркокартели на Колумбија и Мексико заедно. Обвинителството проценува дека Ндрангета брои 20.000 членови. Повеќето од нејзините пари се перат во најголемите европски градови преку недвижности, ресторани и хотели. Многу мал дел од приходите на Ндрангета е наменет за Калабрија, која е една од најсиромашните области во Западна Европа и има највисока стапка на невработеност во државата, од 21,6 отсто.

Токму тука тајните семејни мрежи на Ндрангета регрутираат нови членови, отвораат бизниси за заштита на парите и ги негуваат врски со властите. Ваквата корупција и заплашување објаснува зошто има толку малку инвестиции во Калабрија и зошто многу млади се приклучуваат во мафијата за да најдат работа.

Но не е само Калабрија. Силното присуство на криминалните синдикати придонесе за долгата стагнација на југот на Италија. Уништувањето на Ндрангета одамна беше лична цел на Гратери. Во 1989 година, мафијаши отвориле оган врз куќата на неговата девојка и во телефонско јавување ѝ порачале дека се мажи за „мртов човек“. Таа не ги послуша и сега живее под силно полициско обезбедување. Двојката, која сè уште е во брак, има два сина.

Гратери вели дека „нема живот“, до работа се вози во блиндиран автомобил и ретко излегува на други места. Не бил на плажа или во кино во последните 20 години. Никогаш не оди на прошетка во центарот на Катанѕаро откако стана тамошен обвинител, а не можеше да присуствува ниту на погребот на татко си. Тој вели дека „се чувствува како во куќен притвор, но и покрај физичкото ограничување, неговиот ум е слободен“.

Гратери за себе вели дека е голем работник кому не му треба многу сон. Се буди околу 2.30 часот по полноќ и оди во кујната за да работи до зори. Поради стравовите за неговиот живот, наоѓа утеха во работата, одгледува зеленчук во градината додека куќата е обезбедена со полиција и безбедносни камери. Тој вели дека „важно е стравот да се контролира, да се нема страв од смртта, затоа што дури и утре да умре, барем ќе знае дека имал убав живот“.

Ризикот е реален. Во 2005 година, италијанската полиција откри арсенал на експлозиви и пушки наменети за негово убиство откако разоткри заговор за негов атентат. Неодамна полицијата пресретна телефонски разговор меѓу двајца мафијаши кои зборувале дека „му се гледа крајот“. По последниот бран на апсења, опасноста е досега најголема, а полицијата тврди дека постојат закани. Блиндираните автомобили на обвинителот беа заменети со вооружени џипови и дополнителна безбедносна придружба.

Цела Италија знае како сицилијанската мафија на почетокот од 1990-тите години ги уби двајцата истакнати јавни обвинители, Џовани Фалконе и Паоло Борселино. Новата чистка во Ндрангета ја потресе Калабрија, кога на 26 јануари беше избрана новата регионална влада. Апсењата ги притиснаа италијанските политички партии да докажат дека нивните членови немаат криминални врски. За многу Калабријци, Гратери е херој. Илјадници луѓе се собраа пред обвинителството во Катанѕаро на 18 јануари да му изразат поддршка, а го бранат дури и учениците во основните училишта.

За да ја зголеми свеста за организираниот криминал, Гратери понекогаш држи говори во локалните училишта, иако неговата порака не се сфаќа секогаш добронамерно. Тој се сомнева дека Ндрангета некогаш целосно ќе биде поразена, велејќи дека „со законите може да се елиминира 80 отсто од неа, но секогаш останува мал дел и токму така функционира мафијашкото размислување“.

Превод: Билјана Здравковска