Франција, Велика Британија и Германија го повикаа Советот за безбедност на Обединетите нации да свика седница по повод турската офанзива во северна Сирија, изјави денеска државниот секретар за европски прашања во француското Министерство за надворешни работи, Амели де Моншален.

Таа рече дека трите држави финализираат заедничка изјава со која силно ја осудуваат турската офанзива, но дека сè уште не е договорено посебно соопштение на ЕУ, бидејќи некои земји сè уште не се вклучиле.

Во меѓувреме, Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг на Твитер изрази надеж дека турските власти ќе бидат воздржани во воената операција Сирија.

– НАТО е информиран од турските власти за операцијата која во тек во северна Сирија. Сметам на Турција да делува воздржано и да се осигура дека победите кои ги издејствуваме во борбата против Исламска држава нема да бидат доведени во опасност. Ќе разговарам за ова прашање со претседателот Ердоган в петок – напиша генералниот секретар на НАТО чија членка е Турција.