Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп изврши промени во раководните структури на Пентагон, со што одредени водечки функционери се заменети со лојалисти на американскиот претседател во заминување, објави Си-ен-ен.

Промените објавени преку соопштение отприлика 24 часа откако Трамп го смени секретарот за одбрана Марк Еспер, ги ставија функционерите во Пентагон на штрек, поттикнувајќи загриженост за промените кои би можеле да уследат.

Четворица цивилни функционери добија отказ или поднесоа оставка од понеделникот, вклучувајќи ги Еспер и неговиот шеф на кабинетот, како и функционерите кои вршеа надгледување на политиките на Пентагон и на разузнавањето. Тие беа заменети со лојалисти на Трамп. Неизвесноста во Пентагон на тој начин се зголеми по претседателските избори, наведува американската телевизиска мрежа.

Повеќемина вработени во Пентагон го поставуваат прашањето дали заминувањето на Еспер ќе го расчисти патот за Трамп да ги истурка иницијативите за кои имаше противење во Пентагон, во последните недели од неговото претседателство.