Чешка е подготвена да ги затвори границите за мигранти, ако Германија и Австрија го направат истото. Тоа денеска го изјави чешкиот премиер Андреј Бабиш.

Германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер предупреди во понеделникот дека од јули нема да дозволи мигранти во државата ако канцеларката Ангела Меркел не пронајде решение за мигрантското прашање на средбата на врвот на Европската унија на 28 и 29 јуни.

Бабиш рече дека чешката Влада нема да дозволи нелегални мигранти да влегуваат во Чешка и освен полицијата за обезбедување на границите ќе биде ангажирана евентуално и армијата. Тој додаде дека јужната граница на ЕУ треба да биде обезбедувана од држави како Грција, Малта, Италија и од Шпанија, а другите држави да им помагаат.

Чешкиот премиер даде поддршка за идејата Фронтекс да биде проширена до 10.000 припадници до 2020 година согласно предлог на Италија. Според него, Фронтекс треба да дејствува и вон Европа.