Чешките власти не гледаат причина да разместуваат во својата земја американски војници, изјави чешкиот премиер Андреј Бабиш пред почетокот на преговорите до американскиот државен секретар Мајк Помпео, кој утринава пристигна во официјална посета на Чешка, пренесува „Спутник“.

Коментирајќи го преместувањето на 12.000 американски војници, во моментот распоредени во Германија, Бабош посочи дека не гледа смисол во тоа тие да бидат распоредени во Чешка.

– Не гледам причина зошто би требало да имаме американски војници во нашата земја. Ние сме сојузници на НАТО, во тој поглед ништо не се менува. Се уште не се знае каде ќе се упатат тие војнуци од Германија, но дефинитивно нема да тргнат кај нас, тоа прашање никогаш не било на дневен ред. Како што претходно реков, во преговорите со Помпео повеќе ме интересираат нашите трговски односи и работењето на нашите компании – нагласи тој.

Помпео утринава стигна во Прага, а утре ќе одржи преговори со Бабиш, по што има прием кај чешкиот претседател Милош Земан. Американскиот државен секретар во втората половина од денот ќе одржи говор пред членовите на Сенатот, горниот дом на чешкиот парламент, и ќе учествува во дискусијата на актуелни политички теми со нив.