Компанија „Софтвер Делсол“, со седиште во јужниот шпански град Хаен, воведе ново работно време во 2020 година, во обид да ја зголеми продуктивноста без да им ги намали платите на вработените

Четиридневна работна недела со иста плата стана реалност во Шпанија откако компанијата „Софтвер Делсол“, со седиште во јужниот град Хаен, неодамна им ги намали работните часови на своите 181 вработен. Вработените исто така уживаат во бесплатниот ручек што го обезбедува компанијата, која истовремено нуди стипендии, здравствено осигурување и опцијата за работење од дома, наведува весникот „Ел пас“.
Поголемиот дел вработени веќе работат од понеделник до четврток, или од вторник до петок, обезбедувајќи техничка поддршка за над 53.000 клиенти во Шпанија и во Јужна Америка, од кои најголем дел се мали и средни компании. Четиридневната работна недела стана реалност со вработување нови 25 лица, со што беше овозможено намалување на работните часови, од 40 неделно на 36 во зима и 28 во лето.

И додека идејата четиридневна работна недела постои веќе подолго време, таа ретко се применува во практиката во Шпанија и во другите земји. Таа веќе неуспешно беше реализирана во Финска, а во Нов Зеланд беа спроведени слични експерименти. Но откако беше имплементирана од „Мајкрософт“ во Јапонија, продажбата се зголеми дури за 40 проценти.

– Не беше лесно да се воведе оваа мерка. Таа беше голем предизвик, бидејќи немаше слично претходно искуство, а исто така не постоеше соодветна легислатива – изјави Фулгенсио Месегер, директорот на „Софтвер Делсол“.

Месегер истакнува дека иницијативата не е само уште еден иновативен чекор за развојот на продуктите на компанијата туку и за зајакнување на нејзините човечки ресурси. Пред 26 години беше отворено седиштето на компанијата во Геолит сајенс енд технолоџи парк, при што неговото дизајнирање беше фокусирано на удобноста и продуктивноста. Па, така, поформалните зони за услуги на корисниците се комбинирани со области за неформални состаноци и каучи за релаксирање, а на вработените на располагање им се и сала за вежбање, терен за тенис и отворен базен. Вработените исто така може да уживаат во бесплатните ручеци, а компанијата нуди и стипендии, здравствено осигурување и можност за работење од дома, која веќе ја користи еден програмер од Бордо. Покрај тоа, компанијата гарантира секоја година зголемување на платите од над три отсто, што претставува уште еден преседан за пазарот на трудот во Шпанија.

– Четиридневната работна недела обезбедува добросостојба на работното место, подобра грижа за корисниците и поголема продуктивност. Ваквиот начин на работење исто така штеди енергија и го намалува загадувањето, бидејќи вработените ги користат автомобилите еден ден помалку – додава Месегер.
Компанијата исто така смета дека пократката работна недела ги намалува отсуствата од работа и ја зголемува лојалноста на вработените.