Американското федерално обвинителство соопшти дека покрена обвинение против четири лица обвинети за вмешаност во меѓународната финансиска измама Панамски документи.

Тоа се првите обвиненија во САД за тој скандал и во нив има 11 точки кои се однесуваат на обвиненија за заговор, измама, избегнување данок и перење пари.

Обвинети се двајца германски државјани, еден Американец, како и еден државјанин на Панама. Тројца од нив веќе се уапсени. Харалд Јоахим фон дер Голц, кој бил клиент на адвокатската куќа „Мосак Фонсека“ е уапсен вчера во Лондон, Дирк Брауер, службеник на компанијата која била поврзана со таа адвокатска фирма, е уапсен во Париз на 15 ноември, а Ричард Гефи, сметководител, чија фирма има седиште во САД, е уапсен во сојузната држава Масачусетс.

Обвинителството наведе дека адвокатската куќа „Мосак Фонсека“ стои зад измамите со цел да се одбегнат американските даночни закони.

Таа шема за измама траела со децении и опфаќа лажни фондации и компании во Панама, Хонгконг и на Британските Девствени Острови, со цел да се скријат сметките од американските даночни служби.

Четвртиот обвинет, Рамсес Овенс бил правник во „Мосак Фонсека“ и се уште е на слобода.

Според обвинението, можна е затворска казна од 20 години.

Панамските документи, кои содржат преку 11 милиони тајни финансиски извештаи, претставуваат илустрација како некои од најбогатите луѓе на светот ги кријат своите пари и избегнуваат плаќање данок.

Првпат беа објавени од страна на германскиот весник „Зидојче цајтунг“ во 2015 година, кој ги добил од анонимен извор од „Мосак Фонсека“, а потоа беа објавувани во цел свет.