Четворица ирачки војници се повредени во ракетен напад врз нивната база северно од Багдад, каде што до неодамна беа присутни американски инструктори, соопштија ирачките безбедносни претставници.

Нападот бил извршен врз Воената база Балад со најмалку шест ракети и нема жртви. Нападот се случува само неколку дена откако Иран испука балистички проектили во две американски бази во Ирак во знак на одмазда заради убиството на висок ирански генерал со беспилотно летало.

Во моментов нема Американци во базата „Балад“, лоцирана на 80 километри северно од Багдад. Во базата претходно беа сместени американски инструктори, советници и група која обезбедуваше услуги за одржување на авиони Ф-16, изјави ирачки воен службеник кој не сакаше да биде именуван во согласност со прописите.

Во нападот се повредени еден ирачки офицер и тројца војници, соопштија ирачките безбедносни службеници. Некои ракети паднале на ресторанот во базата, соопштија официјалните лица. Ниту една група не ја презеде одговорноста за нападот.