Чадот предизвикан од шумските пожари во Сибир ќе го прејде океанот и ќе се надвие над северот на Гренланд, а потоа ќе се движи кон Алјаска, предвидува Европската програма за набљудување при ЕУ, „Коперникус“.

На картата со прогнози претставена на сајтот на „Коперникус“ прикажано е како чадот од шумските пожари во Сибир го преминува океанот, го зафаќа северот на Гренланд, а потоа продолжува во насока на Алјаска.

Службата за заштита на шумите во понеделникот извести дека во Русија се активни 202 шумски пожари на површина од 283.200 хектари кои се во процес на гаснење. Од нив, 146.700 хектари се во Иркутската област и 126.100 во Краснојарскиот регион.

Покрај тоа, шумските пожари зафатиле повеќе од 2,5 милиони хектари шума во оддалечените подрачја.