Шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушоглу на почетокот на вонредната седница на Организацијата за исламска соработка (ОИЦ), што се одржува во Истанбул, изјави дека е неопходно да прекине тенденцијата за преместување на амбасадите од Те Авив во Ерусалим.

– Историскиот статус на Ерусалим нема да биде променет, никогаш нема да го прифатиме тоа и нема да го дозволиме. Ние исто така треба да ја превенираме можноста други земји да го следат примерот на САД (дислоцирање на амбасадите од Тел Авив во Ерусалим), истакна Чавушоглу.

Тој додаде дека во „завршната декларација од седницата на ОИЦ ќе биде посочено дека е недозволено да биде сменет статусот на светиот град Ерусалим“.

Вонредната седница на ОИЦ е на иницијатива на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган за поддршка на Палестинците по крвавите протести на границата помеѓу Појасот Газа и Израел при што беа убиени најмалку 59 Палестинци, а 2.700 се повредени.

Палестинците го сметаат Источен Ерусалим за главен град на идната своја држава.