Дојде време Турција да стави крај на тензиите во односите со САД, изјави синоќа турскиот министер за надворешни работи Мевљут Чавушоглу по средбата со американскиот државен секретар Мајк Помпео во Вашингтон. 

– Сметам дека е време да се стави крај на тензиите во односите со САД. Сирија е значаен чекор во тој правец- нагласи Чавушоглу.

Тој истакна дека за време на разговорите во Вашингтон потврдени се патокзаите за Сирија кои вклучуваат и „воспоставување безбедност и стабилност“ во сирискиот град Манбиџ.

Чавушоглу додаде дека со овие мерки ќе им биде овозможено враќање во Манбиџ на лицата кои биле „принудени да ги напуштат своите домови под притисок“ на Силите за заштита на народот (УПГ) на сириските Курди, кои Анкара ги смета за огранок на Курдската работничка партија (ПКК) во Сирија.

– Се работи на параметрите на патокзаите, со цел терористичката организација ПКК/УПГ да биде отстранета од Манбиџ- потенцира Чавушоглу.

Како што јави Анадолија, Чавушоглу изјави дека Помпео го инфромирал оти американското Федерално истражно биро (ФБИ) „води сериозни истраги“ во врска со прашањето за движењето на исламскиот проповедник Фетулах Ѓулен во САД.

Ѓулен, кого Анкара го обвинува дека стои зад обидот за воен удар во јули 2016 година, живее во доброволен азил во САД. Турција бара негова екстрадиција, но Вашингтон засега не го прифати таквото барање.  

Чавушоглу истакна и дека Турција не ги прифаќа заканите од САД во врска со испораката на авионите Ф-35

– Испораката на авионите Ф-35 ќе биде извршена на 21 јуни, како што беше планирано и претходно. Нема никакви промени околу тоа- додаде шефот на турската дипломатија.