Балтичкиот воздушен простор и регионот околу Црно Море се местата на постојани воени, но и воздушни тензии меѓу Русија и НАТО. Сега, кога и двете страни спроведуваат воени вежби и сценарија за евентуален нивен судир крај Црно Море, според експертите, од една страна Русија го држи НАТО будно, а од друга Алијансата сака да ја покаже својата сила

Иако Студената војна со години е завршена, изминатиов период личи токму на времето од воените тензии по Втората светска војна меѓу Истокот и Западот, бидејќи воените авиони и бродови на НАТО и на Русија извршија голем број меѓусебни провокации во воздушните и водните простори во Европа.
Имено, руската армија во последните 48 часа ги кренала најмалку осум пати своите борбени авиони да пресретнат НАТО-воздухоплови и британски воени бродови крај Црно Море. Овие информации ги објавија западните агенции, но и официјалната команда на Москва, каде што беше информирано дека авионите на Руската армија неколкупати неделава ги пресретнувале НАТО-авионите во близината на воздушниот простор над северниот Атлантик, Северно Море и Црно Море. Како што наведуваат новинските извештаи на оваа тема, воздухопловите на Северноатланската алијанса исто така биле изминатиов период на готовност како во воено време, за да одговорат на зголемената активност на руските авиони.
Според пишувањата на медиумите, најсериозен инцидент меѓу двете сили се случи во вторникот кога британскиот брод разурнувач „Дифендер“ влегол три км во длабочина на руските територијални води, што претставува сериозна провокација. Руската армија реагирала енергично на оваа акција на бродот на британската воена морнарица и со бомбардери „су-24М“, извршила предупредувачко бомбардирање со својата авијација, со што го принудила „натрапникот“ да го смени курсот и да ги напушти руските територијални води, јавува „Русија денес“.

Обединетото Кралство ги негираше извештаите дека руските авиони и бродови предупредувачки пукале кон бродот на британската воена морнарица во Црно Море, наведувајќи дека инцидентот е дел од претходно најавена воена вежба.
– Норвешки борбени авиони „Ф-16“ неделава пресретнаа два руски авиони „ту-95“ во близината на норвешкиот брег. Во исто време руските авиони што летале над Црно Море ги пресретнале авиони на британските и белгиските воздухопловни сили. Ова не личи на ништо друго, освен на покажување на својата воена надмоќ врз противникот – пишува „Брисел морнинг“.

Инаку и НАТО и Русија периодов започнаа морнарички воени вежби во Црно Море, во услови на затегнати односи меѓу Кремљ и Западот поради кризата во Украина.
Во вежбите на НАТО во западниот дел на Црно Море учествуваат бродови од САД, Британија, Бугарија, Грција, Романија, како и од други НАТО-земји, а вежбите според најавите треба да траат до 10 јули.

Од друга страна, руската црноморска флота, пак, распореди околу 20 брода и повеќе од 20 воени авиони на воени вежби, кои вклучуваат и гаѓање со ракети. Вежбата на руската армија вклучува руски воени бродови од Црноморската флота со седиште на Крим, хеликоптери и авиони. Во исто време Москва на неколкупати досега ги предупреди САД и НАТО со своите бродови да не се приближуваат до Крим за нивно добро. Според Кремљ, праќањето американски и НАТО-бродови во Црно Море е провокација со цел да се тестира трпението на Русија, пренесе агенцијата „Ројтерс“.
Во меѓувреме, Украина продолжува со офанзива против проруските бунтовници на истокот на земјата, јавија европските медиуми.

Аналитичарите сметаат дека одлуката на американскиот претседател Џо Бајден за повлекување на преостанатите 3.500 американски војници од Авганистан без да постави некакви услови им даде простор на талибанците да се откажат од секакви иницијативи за воспоставување вистински мир. Исто така започна повлекувањето и на речиси 10.000 други војници од 36 земји, како поддршка на авганистанските безбедносни сили во мисијата „Одлучна поддршка“ на НАТО.

Од 1 мај, талибанците ја презедоа контролата во најмалку шест окрузи во Авганистан. Талибанските милитанти под нивна контрола држат околу 72 окрузи (18 отсто) од вкупно 398 во Авганистан, додека во владини раце се 95 окрузи или 24 отсто. Според најавите во Вашингтон, деновиве се очекува претседателот Бајден да се сретне со авганистанскиот претседател Ашраф Гани и Абдула Абдула од Високиот совет за национално помирување. Прес-секретарката на Белата куќа, Џен Псаки, во понеделникот изјави дека тие „ќе продолжат да дискутираат за тоа како заеднички да се погрижат Авганистан да не прерасне во засолниште за терористичките групи, кои претставуваат закана по САД“.