По 18 години, најдолгото американско војување, се наѕира крајот на конфликтот во Авганистан. Соединетите Американски Држави и талибанците минатата сабота во Доха потпишаа договор со кој се очекува да му се стави крај на долгогодишниот конфликт во земјата, иако, според некои, договорот останува да биде кревок, бидејќи во него не беше вклучена и авганистанската влада. Според договорот, САД и нивните сојузници од НАТО ќе треба да ги повлечат сите трупи во рок од 14 месеци доколку талибанците го исполнат својот дел од договореното. За талибанците ова меѓу другото значи дека тие ќе треба да ги спречат сите милитантни групи, вклучувајќи ги и оние на Ал каеда, да вршат какви било активности во областите што се под нивна контрола.

Инаку бројот на активен воен персонал што го ангажираа Американците во Авганистан беше највисок помеѓу 2010 и 2012 година, кога бројката на војници вклучени во операциите во земјата надмина над 100.000 во споредба со денешните 12.000 американски трупи во Авганистан. За време на воениот конфликт во земјата животот го загубија 2.309 американски војници, додека други 20.662 беа ранети и повредени на боиштата.

Процените се дека војната ги чинела американските даночни обврзници околу 2 трилиони американски долари што биле потрошени од американската влада за воените операции во земјата. Оваа бројка, според експертите, во иднина може и дополнително да се зголеми, доколку се земе предвид и поствоената медицинска грижа за воените ветерани. Од друга страна, бројката на загуба на човечките животи на авганистанските безбедносни сили е многу поголема од онаа на американските.

Заклучно со ноември 2019 година, според некои истражувања на универзитетот „Браун“, се проценува дека таа изнесува околу 64.000 загубени животи на авганистанските безбедносни сили и дополнителни 42.000 цивили што го загубија животот за време дводеценискиот конфликт во земјата. Дополнително, во земјата од 2001 година наваму биле фрлени околу 58.602 бомби.