Брзото повлекување на американскта војска од Авганистан создава зголемен притисок врз Централната разузнавачка агенција (ЦИА) за да најде нови начини за собирање разузнавачки податоци и за спроведување на антитерористички акции во државата, но агенцијата нема на располагање многу опции, пишува „Њујорк тајмс“.

ЦИА која беше во средиштето на 20-годишното американско присуство во Авганистан, наскоро ќе ги загуби базите во државата од кои спроведуваше мисии и воздушни удари со дронови, додека внимателно ги следеше талибаните и другите групи како што се Ал каеда и Исламската држава. Аналитичарите на разузнавачката агенција сега предупредуваат за ризиците од преземањето на контрола врз Авганистан од страна на талибанците

Претставниците на САД затоа се обидуваат преку напори во последен час даги обезбедат базите во близина на Авганистан за идни операции. Но комплексноста на континуираниот конфликт доведе до тешки дипломатски преговори додека војската го спроведува повлекувањето што би можело да заврши до средината на идниот месец, пред рокот на 11 септември, поставен од американскиот претседател Џо Бајден.

Пакистан опфаќа еден од плановите, бидејќи ЦИА го користеше како база со години, додека изведуваше воздушни удари со дронови против милитантите во планинскиот предел во западниот дел од државата, но беше избркана од тамошните капацитети по влошувањето на меѓудржавните односи во 2011 година.

Американските дипломати исто така ги испитуваат можностите за повторен пристап до базите во поранешните советски републики кои биле користени за време на војната во Авганистан, иако очекуваат противење на ваквата идеја од страна на Русија.

Неодамнешните извештаи на ЦИА за Авганистан се песимистички, нагласувајќи ги придобивките остварени од талибанците и другите милитантни групи во државата. Во нив се предупредува дека Кабул би можел да падне под контрола на талибанците во следните неколку години. А се тврди дека авганистанските безбедносни сили ќе се ослабнат без континуираната американска поддршка. Пентагон уште нема конкретен план додека официјалните американски претставници работат на продолжување на поддршката, заклучува „Њујорк тајмс“.