Коалицијата предводена од Саудиска Арабија извела најмалку десетина воздушни напади врз северозападните и централните провинции во Јемен во раните утрински часови, соопшти бунтовничкото движење Хути, пренесува „Ал Масира“.

– Воздухопловните сили на коалицијата спроведоа шест воздушни напади врз најголемиот округ Каб Ва аш Шаф во северозападниот дел на провинцијата Ал Јаф, која граничи со Саудиска Арабија – тврдат Хутите.

Областа Барт Ал Анан во истата провинција, исто така, била цел на неколку воздушни напади, соопштија бунтовниците. Уште пет воздушни напади биле изведени врз централната провинција Ал Бајда.

Во вторникот, Хутите ја обвинија коалицијата дека извела најмалку 25 воздушни напади врз покраините Ал-Џаф, Мариб и Хаџа.

Прекинот на непријателствата што коалицијата го прогласи минатиот месец како одговор на повикот на ОН за глобален прекин на огнот во услови на пандемија на коронавирус е на сила најмалку до крајот на оваа недела.