Јеменските бунтовници подготвуваат нови напади врз Саудиска Арабија, за што странски дипломати биле информирани од лидерите на Хутите, наведува „Волстрит џурнал“.

Некои лидери на бунтовниците наводно предупредиле дека може да дојде до нов напад, откако биле изложени на притисок од Иран, кој од нив бара да учествуваат во нападот. Сепак, американскиот весник пишува дека на Западот со скептицизам се гледа на информациите од Хутите, бидејќи САД и Саудиска Арабија ги добиле податоците од доверливи извори, кои, пак, информациите ги добиле од јеменските бунтовници.

Од друга страна, претставникот на Хутите Мухамед Абдул Салам ги демантира информациите дека странски дипломати добиле какви било предупредувања за потенцијални напади. Според „Волстрит џурнал“, евентуалното протекување на информации може да се објасни со фактот дека во раководството на Хутите постојат несогласувања околу тоа колку сериозно треба да зависат од поддршката на Иран.

Ситуацијата во регионот ескалира откако неколку нафтени инсталации на најголемата саудиска компанија „Арамко“ беа нападнати на 14 септември со беспилотни летала и крстосувачки ракети. Одговорноста за нападот ја презедоа бунтовниците Хути, против кои Саудиска Арабија се бори со коалицијата на арапски држави. И покрај тоа, шефот на американската дипломатија Мајк Помпео за нападот го обвини Иран. Техеран категорично ги отфрли овие обвинувања, нарекувајќи ги бесмислени лаги. Во меѓувреме, иранските власти се заканија дека жестоко ќе одговорат на каков било воен напад врз земјата, и оти одговорот нема да биде ограничен.