Бројот на загинати хуманитарни работници нагло се зголеми во првите шест месеци од годинава, со тоа што Сирија се најде на врвот на најопасни места за работа на хуманитарните работници. Ова, меѓу другото, се наведува во анализата на меѓународната хуманитарна агенција КАРЕ, која користи база на податоци за безбедност на хуманитарните работници во светот. Како што стои во документот, од јануари вкупно биле регистрирани 74 смртни случаи во светот, а во Сирија се загинати повеќе од една четвртина од жртвите. Ова, според КАРЕ, претставува зголемување од 30 отсто за истиот период во однос на лани.

– Најголем дел од хуманитарните работници се локални жители и вистински херои. Слично на она што го видовме со ковид-19 во светот, тие го собираат ѓубрето, тие се возачи на камиони, медицински сестри, социјални работници и помошници во службата на заедницата – вели Сали Остин, шефица за итни операции во меѓународната агенција. Нападите на хуманитарните работници во светот исто така се поврзуваат со дезинформациите и стравовите од ковид-19 и други болести.