По објавата на технолошката компанија „Гугл“ дека ја суспендира лиценцата за „Хуавеи“, од кинескиот производител на технолошки уреди велат дека тие сепак ќе продолжат да градат сигурен и одржлив софтверски екосистем.

Исто така од „Хуавеи“ истакнуваат дека ќе продолжат да ги обезбедуваат своите корисници со најновите надградби за безбедноста на софтверот.

-Хуавеи направи значителен придонес во развојот на Андроид низ целиот свет. Како еден од клучните глобални партнери на Андроид, ние тесно соработуваме со платформата со отворен код, развивајќи го екосистемот во корист на потрошувачите и на целата индустрија. Хуавеи ќе продолжи да ги обезбедува своите корисници со најновите надградби за безбедноста на софтверот, како и сите услуги поврзани со постпродажната услуга на постоечките Хуавеи и Хонор производи на пазарот вклучувајќи паметни телефони и таблети што веќе се купени од крајните корисници, но исто така и оние кои сè уште се достапни на глобалните пазари. Ние ќе продолжиме да градиме сигурен и одржлив софтверски екосистем, кој ќе им го овозможи најдоброто искуство на потрошувачите и нашите клиенти ширум светот – се наведува во официјалното соопштение на компанијата.

Покрај тоа, „Хувеи“ го сподели и официјалниот став од американскиот „Гугл“ по однос на ова прашање од каде велат дека ги исполнуват барањата и ги согледуваат последиците од тоа.

– За корисниците на нашите услуги, безбедносните функции на Гугл Плеј и Гугл Плеј Протект ќе продолжат да работат на постоечките Хуавеи уреди – истакнуваат од „Гугл“.