Најтешкиот напад на САД по Перл Харбор го изврши непријател што дејствуваше со дозвола и под заштита на истите талибанци што сега ја презедоа контролата врз Авганистан. На 15 август, авганистанскиот претседател Ашфраф Гани, дотогаш поддржуван од Западот, пребега во Узбекистан, додека талибанците влегуваа во главниот град Кабул. Но корените на конфликтот датираат уште од пред 40 години. Американскиот претседател Џими Картер започна тајна програма преку ЦИА за финансиско поддржување на авганистанските бунтовници. Муџахедините водеа герилска војна против инвазијата на Авганистан од страна на Советскиот Сојуз во декември 1979 година. Со помош на Велика Британија и службата за странско разузнавање и контраразузнавање на Пакистан (ИСИ), преку операцијата „Циклон“ се слеаја повеќе од 20 милијарди долари американски средства во земјата. Беа обучувани и вооружувани групите на авганистанскиот отпор, вклучувајќи ги радикалните исламски фракции како Ал каеда на Осама бин Ладен. Една деценија по советската инвазија, милитантите се свртеа против Западот, што доведе до американски предводена инвазија на Авганистан. НАТО ја презеде командата на меѓународната коалиција во 2003 година. Во 2015 година, мисијата позната како ИСАФ беше заменета со сегашната операција за обука „Одлучна поддршка“. Присуството на силите на НАТО беше најголемо во 2011 година, со 140.000 странски војници од 51 држава во Авганистан. Од 2001 година, коалицијата претрпе 3.500 жртви. САД потрошија над 140 милијарди долари во помош и дополнителни 820 милијарди долари за американските борбени операции и поддршка за авганистанските сили.