По масовните протести кои траеја со недели, лидерката на Хонгконг, Кери Лам, денеска изјави дека законот за екстрадиција е „мртов“, но таа сѐ уште формално не го повлече овој закон, што предизвика бројни реакции кај нејзините противници кои се изјаснија дека повторно ќе излезат на улиците, пренесува „Гардијан“.

– Веднаш го прекинав амандманот – изјави Лам.

Но и покрај оваа изјава на денешната прес-конференција, таа се воздржа формално да го отфрли законот.

– Сè уште постојат одредени сомневања за искреноста на владата во врска со тоа дали законот ќе биде целосно укинат и нема да има негово продолжување на некој подоцнежен датум. Повторувам дека не постои план за такво нешто. Законот е „мртов“, така што луѓето повеќе не треба да се грижат дека тој ќе биде обновен во актуелното законодавство – додаде таа.

Демонстрантите и Граѓанскиот фронт за човекови права ја отфрлија ваквата изјава на Лам и нагласија дека ќе продолжат со протестите.

– Апелирам до Кери Лам да не користи вакви зборови за да не залаже, бидејќи во спротивно Граѓанскиот фронт за човекови права ќе спроведе нова акција – рече Фиго Чан Хо-вун, потпретседател на фронтот.

Се чини дека лидерката на Хонгконг немаше претстава дека нејзиниот цврст начин на владеење создал толку големо незадоволство – особено меѓу младината. Таа го протолкува нејзиниот пораз како изолирана грешка која настанала од лошата комуникација со народот, по што упати јавно извинување. Но, веројатно се наоѓа во безизлезна политичка ситуација.