Американската глумица Фелисити Хофман е обвинета за давање мито за упис на нејзиното дете на факултет, заедно со уште најмалку 40 лица, зашто, наводно, ги потплатувале тренерите на колеџ и луѓето од центрите за тестирање, за нивните деца да се запишат на најелитните школи во земјата, соопшти обвинителството во Калифорнија.

Митото наводно е вршено преку компанија за прием-консултации, а се работи за случај тежок вкупно околу 25 милиони долари. Во овој скандал се вмешани и универзитети како Јејл, Џорџтаун и Стенфорд.

Универзитет Џорџтаун

Обвиненија се покренати против 33 родители, меѓу кои и ТВ ѕвездата Фелисити Хафман, најпозната по улогата на Линет во серијата „Очајни домаќинки” и Лори Лаглин од серијата „Полна куќа”, како и против 13-мина тренери и соработници на Вилијам Рик Сингер, сопственик на калифорниската фирма Еџ Колеџ енд Кариер Нетворк.

Поранешен фудбалски тренер на Универзитетот Јејл признал вина и помогнал да се изгради случај против останатите.