Авторка: Рејчел Пелс
(Гардијан)

Како жена во компјутерската наука, Алексија Атанасопулу добро е запознаена што значи да се биде малцинство. Но кога се пресели во Холандија за своите докторски студии, забележа огромна разлика во застапеноста на мажите во однос на жените во инженерството како и последиците во работната култура.
Одамна е познат проблемот дека има многу малку жени во науката, технологијата, инженерството и математиката (СТЕМ). Европската комисија проценува дека жените сочинуваат 48 отсто од дипломираните студенти, но само 24 отсто се на висока академска позиција и заостануваат со 15 отсто во сферата на СТЕМ. На холандските универзитети особено е видлива ваквата разлика, а Технолошкиот универзитет во Ајндховен (ТУЕ) лани беше на дното на листата, со тоа што само 15 отсто од професорите беа жени.
Универзитетот сега се надева дека новиот, храбар пристап во условите за вработување ќе го смени ваквиот тренд. Оттаму соопштија дека ќе вработуваат само жени на сите академски позиции и ова правило ќе важи сè додека не се исполни критериумот од 30 отсто на професорки на секоја катедра. Новите слободни места ќе бидат шест месеци затворени за мажите, а потоа катедрите ќе започнат со процесот на регрутирање доколку покажат дека немаат апликација на жени што ги исполнуваат квалификациите.

ТУЕ исто така воведе програма за стипендирање на докторски студии „Ирена Кири“ чија цел е да ги пополни отворените академски позиции во сферата на СТЕМ и притоа достапни се 100.000 евра во фонд за истражување и мрежа за социјална поддршка. Атанасопулу е токму дел од ваквата програма.
За програмата имаше силна дебата пред нејзиното воведување со тоа што една третина од кадарот на универзитетот беше против, според Роберт-Јан Смитс, претседателот на одборот на ТУЕ.
– Без ваквата радикална мерка, рамнотежата меѓу половите ќе ја достигневме дури во 2042 година, а ние не сакаме толку многу да чекаме – посочи Смитс.
Тој верува дека „драстичните мерки функционираат само кога има силна посветеност на врвот, од лидерството“. Засега е во право, бидејќи соодносот меѓу машкиот и женскиот кадар скокнал од 15 на 25 отсто во изминатата година. Планот е бројката да достигне до 30 отсто во наредните пет години.

Но патот до еднаквоста е трнлив. Минатиот месец, ТУЕ беше изведен пред Европскиот суд за човекови права поради обвинението дека нивната иницијатива за предност на жените е дискриминаторска. Се очекува судот да донесе одлука во јули.
Меѓутоа, ТУЕ не е првиот универзитет со вакви мерки. В0 2017 година, универзитетот во Есекс прв презеде мерки во Велика Британија за зголемување на платите на професорките и значително ја намали разликата во платите во институцијата. Но некои експерти по диверзитет се скептични за ваквите иницијативи за „брзо решение“ во Есекс и во Ајндховен.
– Повеќе би сакала да се решат системските проблеми во високото образование отколку моите колешки да се вработуваат врз основа на предност и величање. Кој би сакал во иднина да биде познат по тоа што се вработил „само затоа што бил жена“, а не поради личните достигнувања – смета Атина Доналд, магистер на колеџот „Черчил“ во Кембриџ.
Дали најновите вработувања преку програмата „Ирена Кири“ на ТУЕ ќе беа возможни ако главната цел не беа жените?
– Секако ќе аплицирав. Во традиционално машките сфери, мислам дека вработувањата на факултетот не беа само базирани на условот за жени, туку затоа што станува збор за одлични научници во својот домен и токму тоа ќе придонесе за намалување на разликите меѓу родовите – смета Мишел Чонг, доцент-професорка на катедрата за механичко инженерство и стипендистка на програмата „Ирена Кири“ на универзитетот во Ајндховен.
Дениз Икиз Каја, која е доцент-професорка по наследство и одржливост се согласува со овој став.
– Веќе ги исполнив сите барања и пропишани критериуми во описот на работното место. Сметав дека сум одлична кандидатка за позицијата, а условот за жените беше дополнителна предност. Една од најголемите предности на програмата е што нуди поддршка на сите нивоа уште од почетокот – вели таа.
Програмата на ТУЕ ветува флексибилно работно време, кариерни можности за поддршка на партнерот, дневен центар за згрижување на деца и пристап до спортските капацитети на кампусот. Каја смета дека програмата ќе влијае и на другите универзитети така што ќе постави цели и стандарди кои другите ќе сакаат да ги достигнат, а ваквата програма веќе направи позитивни промени.

превод: Билјана Здравковска