Холандската воена полиција е во состојба на „дополнителна претпазливост“ на аеродромите и „објектите од важност“, а тешко вооружени полициски сили се поставени пред владините згради во Хаг, по оружениот напад што се случи изутринава во Утрехт, пишува британски „Индипендент“.

Најмалку едно лице загина, а повеќемина се повредени по оружен напад во трамвај во центарот на Утрехт. Полицијата ја истражува можноста за терористички мотив, како и за вклученост на повеќемина лица.

Локалните медиуми пренесуваат изјава на сведок кој забележал жена како лежи на земјата, откако неколку лица избегале од местото на кое се случила некаква конфронтација. Една жена, наводно, е застрелана во градите, додека уште не е јасно колкумина се повредени во нападот.

Холандскиот премиер Марк Руте истакна дека е „длабоко загрижен“ за инцидентот, по кој владата ќе одржи кризен состанок. 

Школите во градот добија инструкции да ги држат вратите затворени додека трае потрагата за сторителите на оружениот напад.

Во пошироката област на Утрехт е прогласен највисок степен на тревога од терористичка закана.