Холандскиот министер за надворешни работи Џеф Блок го отповика амбасадорот во Иран откако Техеран протера двајца дипломати од холандската амбасада, со што се зголемија тензиите помеѓу двете земји, пренесе МИА.

Блок во писмо до Парламентот наведе дека минатиот месец на иранскиот амбасадор во Хаг му соопштил дека протерувањето на дипломатите било недозволиво и негативно за билатералното партнерство.

Холандската Влада минатата година протера два државјани на Иран поради сомневање дека Техеран бил вмешан во двојно убиство на холандско-ирански државјани. Во тоа време не е наведена никаква причина за протерувањето, но холандската Влада својот потег на почетокот на годинава го објасни со порака дека протерувањето, во координација со ЕУ, било одговор на наводни прикриени ирански активности во Европа.

Во јануари ЕУ ја стави Иранската разузнавачка служба и двајца официјални претставници на својот список на терористи поради сомневање дека биле вмешани во атентати и заговори за убиство на опозициски активисти во Данска, Франција и Холандија.