Хирурзите и медицинските сестри во рускиот град Благовешченск не сакаа да го остават пациентот на операционата маса дури и додека зградата во која се наоѓаше гореше.

Покривот на болницата беше зафатен од пожар поради краток спој и 67 пациенти беа веднаш евакуирани, но храбрите медицински работници, по цели два часа, успешно извршија операција на отворено срце.
Имено, тие само што ја започнаа операцијата кога избувна пожарот, пренесува „Сибир Тајмс“.

– Ние дури и не размислувавме за запирање, моравме да ја продолжиме операцијата. Се разбира дека се плашевме, но мојот тим остана смирен и храбар – рече хирургот Валентин Филатов.

Во овој потфат им помогнаа и пожарникарите, тие ја исклучија централната вентилација за да не се прошири пожарот и наместо тоа, тие инсталираа електрични вентилатори во ходниците на болницата.

Кон крајот на операцијата, пожарот беше изгаснат и нема повредени, пренесуваат руските медиуми.