Турчин кој бил ранет во терористичкиот напад во Виена за новинската агенција „Анадолија“ раскажа како за влакно избегнал смрт.

Реџеп Таип Гултекин вели дека бил со неговиот пријател во центарот на австриската престолнина кога ги слушнале истрелите. Тргнале во правец на пукотниците и виделе вооружен напаѓач како пука кон случаен минувач.

Инаку, двајцата се ММА борци со привремено живеалиште во Виена, а поради нивната храброст, станаа херои следниот ден по ужасниот терористички напад во австриската престолнина.

– Откако ја однесов сопругата во блискиот ресторан, терористот ја впери пушката кон мене – се сеќава тој.

Гултекин се фрлил на земја за да ги избегне куршумите, но сепак бил ранет. Тој вели дека напаѓачот носел пушка со долги цевки. Би-би-си наведува дека напаѓачот имал автоматска пушка, пиштол и мачета.

– Успеавме да влеземе во автомобилот на мојот пријател и отидовме во најблиската полициска станица да го пријавиме инцидентот – рече тој.

Гултекин рече дека подоцна видел полицаец ранет во судирот. Тој и неговиот пријател го однеле полицаецот до брзата помош бидејќи медицинските екипи не можеле да се приближат до местото поради пукањето. Тој исто така вели дека ѝ помогнал на една постара жена која се нашла таму да ја премести на безбедно место.

– Не сакав да одам во болница бидејќи раната на ногата не беше толку голема. Не сакав да бидам товар затоа што мислев дека во пукањето ќе има многу ранети – рече тој, иако медицинскиот тим му понудил да го пренесе во болница..

Друг сведок на нападот за медиумите изјави дека убиецот бил вооружен со автоматско оружје.

– Звучеше како петарди, тогаш сфативме дека се работи за истрели – рече сведокот, додавајќи дека напаѓачот „пукал диво со автоматско оружје“ пред да пристигне полицијата и да отвори оган, пренесе „Ал Џезира“.

Баровите и рестораните биле полни со гости во моментот на пукањето. Друг сведок, Евелин, го опиша моментот кога луѓето почнале да бегаат откако ги слушнале истрелите.

– Одеднаш започна пукањето, најпрво не знаевме што е тоа. Потоа повторно се слушна пукање, но поблиску, па почнавме да бегаме. Не знаевме дали трчаме во вистинската насока, наидовме на хотел и се скривме таму – раскажа таа.

Најмалку четири лица беа убиени – двајца мажи и две жени – и 17 беа повредени во терористички напад во Виена, од кои шестмина потешко. Еден од напаѓачите е убиен, потрагата по останатите е во тек. Неколку напаѓачи со пушки синоќа околу 20 часот наведоа на шест локации во центарот на Виена, соопшти полицијата.

Портпаролот на полицијата, Харалд Серес, рече дека полицијата претпоставува дека имало најмногу четири напаѓачи, но тој посочи дека истрагата е во тек. Австрискиот министер за внатрешни работи, Карл Нехамер, синоќа објави дека е убиен еден напаѓач, кој изврши терористички напад во Виена, и дека полицијата во моментов трага по барем еден соучесник, пренесува „Танјуг“.

Австрискиот канцелар, Себастијан Курц, изјави дека армијата била распоредена и во Виена како дел од антитерористичката операција.