Хенри Кисинџер останува запаметен како еден од главните претставници и приврзаници на политичката теорија позната како неореализам или структурен реализам (реализам, реалполитика или политика на силата). Како државен секретар во администрацијата на американскиот претседател Никсон, го спроведува принципот на реалистично разбирање на надворешната политика – одржување на рамнотежа на силите. Реализмот на Кисинџер се одликува и со една прагматична црта, односно пријателите и непријателите треба да се бираат врз оснава на нивната сила, а не врз основа на нивната идеологија или внатрешен карактер. Оттука, Кисинџер извршил силно влијание во подобрувањето на политичките односи на Соединетите Американски Држави со Советскиот сојуз и Кина во 70-те години на 20 век.  

На 27 мај 2020 година, Кисинџер го прослави својот 97 роденден, но и покрај длабоката старост и поодминатите години, не се откажува од својата интелектуална дејност. Неговите длабоки анализи покажуваат дека се уште го задржал остриот ум и интелект. Неговата последна колумна објавена во американскиот весник „Волстрит журнал“ е показател дека Кисинџер се уште е носител на епитетот – еден од најголемите умови на американската интелектуална и политичка сцена.  

Во спомената колумната која е насловена како „Утврдени градови на ридот“, Кисинџер се осврнува на општествено-политичката проблеми предизвикани од пандемијата на вирусот ковид-19, како и влијанието на пандемијата врз внатрешната политика на државите и меѓународните односи во светот.

Воден од принципите на реалполитика, Кисинџер вели дека кога пандемијата на ковид-19 ќе заврши, во многу држави ќе се смета дека институциите неуспешно се справиле со неа. Забележувајќи дека без разлика дали ова искажување е точно, реално светот повеќе нема да биде ист по коронавирусот. Тој многу суптилно предупредува дека националните држави самостојно нема да можат се соочат со пандемијата, бидејќи коронавирусот не познава граници. 

За да се надминат економските и политичките последици од пандемијата, Кисинџер вели дека треба да се подготви стратегија која ќе наликува на Маршаловиот План по Втората светска војна. Според него, оваа стратегија треба да се потпира на три начела – глобална соработка во борбата против ковид-19, глобална соработка во економското закрепнување и заштита на либералниот светски поредок.

Првото начело не се однесува само на ковид-19, туку и на сите идни болести и пандемии кои можат да се појават. За да се спречат слични ситуации, Кисинџер истакнува дека треба да развиваат нови технологии, засилена контрола на болестите и вакцинација на што поголеме дел на населението. Според него, во иднина градовите, државите и регионите треба постојано да бидат подготвени за слична пандемија, а тоа значи соработка и истражување во науката. 

Во однос на второто начело, Кисинџер истакнува дека светските лидери научија важни лекции од финансиската криза во 2008 година. Меѓутоа сегашната криза е посложена и затоа економските програми треба да го стават акцентот врз најранливото население. 

Во однос на третото начело, Кисинџер вели дека падемијата го заживеа принципот на „Утврдени градови на ридот“ и тоа во ера кога просперитетот зависи од глобалната трговија и протокот на луѓе. Кисинџер препорачува дека демократиите во светот треба да ги бранат и одржуваат либералните вредност, а секое остапување од споменатите принципи може да го втурнат светот во хаос.

Во суштина, Хенри Кисинџер решавањето на проблемите предизвикани од пандемијата на ковид-19 ги гледа во меѓународната соработка, а не во затварањето на гранциите, како и врз принципите на демократијата и либерализмот.