Се чини дека никој не може да се справи со Халифа Хафтар. Доколку постоеше идеја големите играчи да го притиснат 76-годишниот либиски водач, за да го доведат во ред, извесно е оти таа не успеа, пишува Блумберг.

Непосредно пред меѓународниот самит што се одржа вчера во Берлин, Хафтар ги оствари неговите закани и ја запре испораката на нафта од Либија, преку затворање на половина од производството. Ваквиот потег уследи откако, пред помалку од една недела, ги напушти разговорите во Москва насочени кон постигнување на прекин на огнот во граѓанската војна во Либија. 

Неговата недисциплина се покажува особено иритирачка за Русија и за Турција кои даваат воена поддршка на двете спротивставени страни. Рускиот претседател Владимир Путин го поддржа Хафтар, кој пак го контролира истокот на Либија и се обидува да го заземе главниот град Триполи. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја поддржува меѓународно признаената влада на Сараж.

И Хафтар и Сараж го искористија вакуумот создаден со повлекувањето на САД од Блискиот Исток за да создадат сфери на влијание, а сепак, се чини и дека постигнаа и заемно разбирање – да седнат на преговарачка маса, за да потпишат примирје и да ги поделат геополитичкиот и комерцијалниот плен во државата што ги има најголемите нафтени резерви во Африка. Но, тоа нема да се спроведе баш така лесно.

Сараж потпиша, а Хафтар се противи. Еден западен дипломат истакна дека воениот водач секогаш мора да биде во главна улога.

Хафтар покажа непредвидливост што ги измести светските лидери од колосек. А неговото присуство во Берлин било почувствувано дури и кога не бил присутен во просторијата. Во одреден момент, Хафтар, кој препочитал да отспие напладне, ги напуштил просториите каде што се преговарало и се вратил во хотелот во кој бил сместен. Кога дошло време за неговиот брифинг, било соопштено дека тој „одмора“.

А одметнатиот генерал не бил попријатен ни кон неговите „сојузници“ – кон Египет кој му овозможува воена поддршка, како и кон Обединетите Арапски Емирати кои го поддржуваат со воздушни напади во негова корист, кога се обиделе да го натераат да го потпише мировниот договор. 

Додека лидерите и дипломатите се подготвуваа да го напуштат Берлин, тие постигнаа согласност да работат заедно на постигнување на мир. Хафтар и либискиот премиер Фајез ал-Сараж сега треба да именуваат комитети со по пет члена кои ќе се сретнат во Женева, Швајцарија во наредните денови. Но Хафтар останува непредвидлив, човек кој засега се покажа како умешен во воспоставување на влијанието, во ситуација кога светските сили стануваат се позаплеткани во либискиот конфликт.