Во посетата на Брисел годинава, американскиот претседател Џо Бајден беше сигурен во неговата порака до американските сојузници. „Америка се врати“, изјави тој во седиштето на Европската Унија, повторувајќи ја мантрата што ја изговараше на речиси секоја станица од своето прво официјално патување во странство, додека европските лидери го поздравуваа неговото доаѓање како спас од четиригодишниот насобран гнев неговиот претходник Доналд Трамп, наведува „Си-ен-ен“.

Но, иако тоа беше пораката што европските лидери ја слушнаа пред два месеца, Бајден не е истиот стар Бајден, а мантрата што ја изговараше повеќе би соодветствувала токму со онаа на Трамп, односно „Америка на прво место“. По катастрофалното повлекување од Авганистан, европските лидери стравуваат дека пораката на Трамп не е целосно замината, заедно со неговото напуштање на Белата куќа.

Хаотичното повлекување на дипломатите и амбасадорите од Авганистан сите ги фати неспремни, а истовремено го поткопа и ветувањето на Бајден за враќање на компетентноста во американските надворешни политики и односи. ЕУ стравува дека пандемониумот предизвикан од американското повлекување ќе понуди шанса за земји како што се Русија и Кина, кон кои се надеваа дека Бајден ќе ја рефокусира американската надворешна политика. Наместо американската сигурност, кај нив е посеан сомнеж.

– Ова е недостаток на комуникација и искреност кон американскиот народ и американските сојузници ширум светот, кои се длабоко разочарани од администрацијата на Бајден, особено за носењето одлуки заедно со сојузниците со кои се борат веќе 20 години. Одлуката за тоа како и кога да заминат е еднострано донесена од САД, а тоа не е начин на кој се однесувате кон своите сојузници – рече Јан Бремер, директор на Евроазиската група.

Лидерите на сојузниците на САД отворено се прашуваат како дошло до едностраната одлука и се лути од начинот на кој Бајден одлучи да ја заврши војната. Германската канцеларка Ангела Меркел повлекувањето го нарече „горчлив, драматичен и страшен развој на настаните“. Францускиот претседател Емануел Макрон досега веќе беше гласен поборник за подобрување на европската безбедносна политика, залагајќи се таа да биде помалку зависна од САД. Исто како и Макрон, и канадскиот премиер Џастин Трудо веќе се соочи со критиките во неговата земја за напуштањето на Авганистанците по падот на Кабул.

Иако Бајден ја врати довербата во НАТО, сепак, многумина сметаат дека тој и неговата администрација се одговорни за подготвувањето и создавањето на условите околу заминувањето од Авганистан. Дури и пред талибанците да го заземат Кабул и да се случи распадот на авганистанската влада, американските сојузници се изјаснија дека не биле соодветно консултирани пред Бајден да го објави повлекувањето на американските војници до 11 септември.

Бајден и неговиот тим постојано напоменуваа дека напуштањето на Авганистан нема да биде лесно, но дека тоа, сепак, претставува правилна одлука. Тој исто така изјави пред Американците дека ќе ја прифати одговорноста за последиците, иако постојано вината ја префрла на друго место, заклучува „Си-ен-ен“.