Откако Велика Британија на референдум изгласа напуштање на Европската унија (ЕУ) во јуни 2016 година, лидерите во земјата ги зафати голема паника, пишува „Њујорк тајмс“. Во екот на мигрантска криза и зголемувањето на влијанието на антиевропските, популистички сили, одлуката на Велика Британија за брегзит предизвика нови поделби на политичката и општествената сцена во земјата.

Две години подоцна, излезот на Британија од Унијата, или брегзит, изгледа навистина хаотично и делува самоуништвачки врз кралството. Според „Њујорк тајмс“, дури и во популистичките делови на ЕУ започнуваат да сфаќаат дека излезот од Унијата веројатно не е решение и оти таквиот чекор би создал сериозни проблеми.

Ништо не ги зближи земјите од Европската унија повеќе од хаотичниот брегзит и политичките превирања во Обединетото Кралство.

– Земјата одлучи да ја напушти Унијата и влезе во сериозен хаос, со што излезе смешна за европските партнери – изјави Роса Балфор од германскиот „Маршал фонд“ во Брисел.

Предизвиците со кои се соочува Европа, како што се нискиот раст, управувањето со еврозоната, миграцијата, долговите, безбедноста на границите и зголемениот популизам сè уште постојат, и нема назнаки дека овие проблеми ќе се решат во брзо време. ЕУ нема консензус за решение на претходно споменатите прашања.

Искуството на Британија со брегзит и сите проблеми кои се јавија околу излезот од Унијата на некој начин ги предупреди успешните десничарски влади на Матео Салвини во Италија, Виктор Орбан во Унгарија, Јарослав Качински во Полска и Алтернативата за Германија да се оддалечат од идејата за напуштање на ЕУ и еврозоната. Сега тие се позаинтересирани да изнајдат начин нивните политики да функционираат додека тие сè уште се членови на унијата, констатираат од „Њујорк тајмс“.

Од друга страна, дебатите во британскиот парламент за договорот за брегзит и плановите за напушање на унијата дополнително ја продлабочи кризата во земјата.

– Идеите за излез на Франција, Грција и Италија од ЕУ сега се минато, бидејќи земјите забележаа какви сериозни проблеми се јавија со брегзит. Сите забележуваат што се случува во Британија, која има стабилен парламент – рече Денис МекШејн, поранешен министер за Европа во владата на Тони Блер.

Заканите од популистичките сили за кохезијата на Европската унија е надмината, но ЕУ ќе остане начин за тие да остваруваат поени на домашните политички сцени.

Од друга страна, според анкетите на „Евуробарометар“, во земјите-членки зголемена е популарноста на Европската унија. Според испитувањата од минатиот април, дури 60 отсто од граѓаните верувале дека членството во Унијата е позитивно за нивната земја, а 67 отсто потврдиле дека членството донело некаков бенефит за нивната држава. Довербата на граѓаните во ЕУ денес е највисока уште од 1983 година.