Во писмо до Демократската партија во Ајова, адвокатите на кампањата на Бајден побараа целосно објаснување и релевантни информации за методите на квалитативната контрола на резултатите

Демократската партија го одложи објавувањето на резултатите од внатрепартиските избори во Ајова, поради наводни недоследности при регистрирањето на дадените гласови. По повеќе од една година изборна кампања, идеолошки судири, политички дебати и потрошени десетици милиони долари, резултатите од Ајова требаше да дадат првичен увид за тоа колкава поддршка ужива секој од претседателските кандидати кај демократите

Внатрепартиските избори на Демократската партија беа обележени со хаотичен почеток откако беше одложено објавувањето на резултатите од долгоочекуваното гласање во сојузната држава Ајова. Како причина за одложувањето се наведени наводните неправилности при регистрирањето на податоците од гласањето. Демократската партија соопшти дека спроведува „квалитативна контрола“ на добиените податоци, откако во понеделникот беа пријавени проблеми со мобилната апликација што се користи за внесување на гласачкото ливче. По повеќе од една година изборна кампања, идеолошки судири, политички дебати и потрошени десетици милиони долари, резултатите од Ајова требаше да дадат првичен увид за тоа колкава поддршка ужива секој од претседателските кандидати кај демократите, наведува „Гардијан“.

– Откривме недоследности при соопштувањето на три серии резултати. Ова едноставно е проблем со соопштувањето. Апликацијата функционира и ова не е хакерски напад или упад во системот. Податоците и хартиените докази се безбедни и само ќе биде потребно дополнително време да се соопштат резултатите – изјави Менди Меклур, директорка за комуникации на Демократската партија во Ајова.
Единаесет демократски кандидати учествуваат во трката чиј победник ќе му биде ривал на Доналд Трамп на претседателските избори во ноември. Најновите анкети покажуваат дека најголема поддршка кај гласачите имаат четири кандидати – сенаторот од Вермонт, Берни Сандерс, поранешниот потпретседател на САД, Џо Бајден, сенаторката од Масачусетс, Елизабет Ворен, како и Пит Бутиџеџ, бившиот градоначалник на градот Саут Бенд, во државата Индијана.

Ваквиот развој на настаните предизвика голем број шпекулации на социјалните мрежи, при што корисниците прават споредба со изборите во 2016 година, кога на внатрепартиските избори кај Демократската партија исто така беа регистрирани голем број неправилности при гласањето, со што беше оштетена кандидатурата на Сандерс. Но, и покрај необјавувањето на резултатите од Ајова, водечките кандидати побрзаа да прогласат победа пред да продолжат со нивните кампањи во Њу Хемпшир, каде што наредната седмица ќе се одржи втората рунда од внатрепартиското гласање.
Сандерс, кој по сѐ изгледа има тесно водство во Ајова, порача дека „добро ќе помине“ откако резултатите конечно ќе бидат објавени.

– Си замислувам, имам силно чувство, дека во еден момент резултатите ќе бидат објавени. Сега гласаше првата сојузна држава во оваа земја и денес почнува крајот на Доналд Трамп – истакна сенаторот од Вермонт.

Во писмо до Демократската партија во Ајова, адвокатите на кампањата на Бајден побараа целосно објаснување и релевантни информации за методите на квалитативната контрола на резултатите, пред нивното официјално соопштување.
Во меѓувреме, со реакција се огласи и изборниот тим на Трамп, од каде што се обидуваат да ги претстават демократите како хаотични и неорганизирани, сугерирајќи дека одложувањето на соопштувањето на резултатите ги зголеми сомнежите за праведноста на гласачкиот процес.

– Демократите се дават во сопствената каша на внатрепартиските избори. Нормално е гласачите да се сомневаат за тоа дали процесот е фер. Ова се луѓето што сакаат да го водат целиот здравствен систем – порача Бред Парскејл, менаџер на кампањата на Трамп.

Од друга страна, судењето за импичмент на Трамп во Сенатот додаде дополнителна неизвесност на невообичаеното гласање во Ајова, при што Сандерс, Ворен и Емји Клобухер постојано мораа во текот на кампањата да се враќаат во Вашингтон. „Гардијан“ наведува дека се очекува републиканските сенатори уште денес да го ослободат Трамп од обвинувањето, оставајќи ја судбината на претседателството во рацете на демократските кандидати што се натпреваруваат против него.