Србија постигна напредок во различни области, но треба да покаже поголема одлучност на европскиот пат и да ги зајакне напорите во клучните области, посилно и уверено да ги предводи реформите, особено во областа на владеењето на правото, оцени денеска европскиот комесар за соседска политика и проширување на Унијата, Јоханес Хан.

Кога станува збор за дијалогот на Белград и Приштина, според неговите зборови, двете страни треба да создадат подобар амбиент и да избегнуваат акции кои другата страна би можела да ги протолкува како провокации.

Комесарот истакна дека Приштина треба да ги укине таксите кои ги воведе и да се фокусира на договор со Белград.

– Приштинските такси за увоз на стоката од Србија и Босна и Херцеговина фрлија сенка на европскиот пат на Косово и тие мора веднаш да бидат укинати – порача Хан.

Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини истакна дека вчерашните настани на Косово покажуваат дека Белград и Приштина треба што поскоро да се вратат на преговарачката маса.

Могерини смета дека договор е можен и порача дека е подготвена уште утре да почне нови разговори, доколку двете страни покажат подготвеност.