Британскиот министер за финансии Филип Хамонд изјави денеска дека постои голема можност пред Парламентот да се најде идејата за одржување втор референдум за брегзит.

– Тоа е предлог кој би можел во некој момент да биде изнесен пред Парламентот – истакна Хамонд.

Тој нагласи дека од друга страна, ставот на Владата за евентуално ново гласање останал непроменет, додавајќи дека власта и понатаму е против нов референдум.

Идејата за нов референдум минатиот месец веќе се најде пред Парламентот, во вид на неколку различни алтерантиви за договорот на премиерката Тереза Меј, но ниту една не доби мнозинска поддршка од пратениците.

Хамонд истакна дека за организирање евентуален нов референдум би биле потребни околу шест месеци и објасни дека до 31 октомври, кога Велика Британија е обврзана да излезе од ЕУ, ќе биде тешко да се одржи такво гласање.