Заменик-шефот на политичкото биро на Хамас, Калил Ал-Хаја вчера предупреди да не се одложуваат палестинските законодавни избори закажани за 22 мај, велејќи дека тоа ќе го втурне палестинскиот народ во непознато.

Ал-Хаја, кој ја предводи листата на движењето на изборите, рече дека одложувањето ќе генерира голема фрустрација кај масите и младите, предупредувајќи дека одложувањето ќе ја комплицира ситуацијата и ќе ја продолжи поделбата.

Во јануари, претседателот на палестинските власти, Махмуд Абас, објави дека изборите ќе се одржат во мај, а потоа следуваат претседателски избори во јули.

На почетокот на неделава, Центарот за медиуми и комуникации во Ерусалим ги објави резултатите од анкетата која покажа дека 79 отсто од Палестинците сметаат дека одржувањето на овие избори е важно.

Во вторникот, високиот советник на Абас, Набил Шаат, рече дека претстојните палестински национални избори многу веројатно ќе бидат одложени ако Израел не дозволи гласање во Источен Ерусалим. Тој за весникот „Ан-Нахар“ изјави дека ако Израел продолжи да го игнорира барањето на Палестинската саноуправа за одржување на изборите во Источен Ерусалим, изборниот процес ќе биде одложен.

Израел спроведе кампања за апсење против оние кои учествуваат во изборните активности во Ерусалим. Аналитичарите сметаат дека Израел нема да дозволи гласање во областа бидејќи го смета целиот Ерусалим за свој главен град и не дозволува активности на ПС во градот.

Сепак, многумина веруваат дека ПС го користи ова како изговор бидејќи неодамнешните анкети покажуваат дека Хамас повторно ќе победи на изборите, ставајќи го претседателот Абас, кој е на чело на движењето Фатах, во тешка ситуација.

Абас одби да се повлече од позицијата по последните избори во Палестина во 2006 година, кога Хамас беше избран на власт. Овој потег предизвика разединетост меѓу Палестинците и доведе до тоа Фатах да биде на чело на владата во окупираниот Западен брег , а Хамас да управува со Појасот Газа.