Хамас се согласи со планот за прекин на огнот со Израел, изјави денеска високиот претставник на ова палестинско радикално движење, Исмаил Радван.

– Постојат египетски и меѓународни напори да се спречи агресијата. Посветени сме (на прекинот на огнот) се додека Израел го почитува договорот – изјави Радван.

Најавата на Радван следи откако неименуван израелски официјален претставник попладнево соопшти дека не е постигнат договор за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас.

– Нема договор за прекин на огнот. Не е готово – изјави неименуваниот извор, додавајќи дека Израел е подготвен за уште посилни напади.

Извори од Појасот Газа претходно соопштија дека условот на Израел за прекин на огнот бил престанување на сите палестински акции долж граничната ограда, вклучувајќи го и пуштањето на балони со запалив материјал и планираниот протест на границата в петок, по повод одбележувањето на годишнината од почетокот на масовните демонстрации против Израел и израеслко-египетската блокада за Газа.