Хакер успеа да влезе во системот за водоснабдување на градот Олдсмар во американската сојузна држава Флорида, обидувајќи се да внесе опасна материја во него, соопштиле официјалните лица на градот.

Тој за краток период ја зголемил количината на натриум хидроксид во системот за прочистување на водата во Олдсмар, но еден од работниците во водоводот го забележал тоа и спречил труење, пренесуваат светските медиуми.

Мали количини на натриум хидроксид, познати и како каустична сода и алкали ја контролираат киселоста на водата, но големи количини можат да предизвикаат сериозни проблеми.

Градоначалникот на Олдсмар, Ерик Сајдел, предупредил дека хакерот е опасна личност.

Досега никој не е уапсен и не е утврдено дали хакерот работел од Америка или од странство. Некој преку компјутер во петокот го контролирал системот за прочистување на водата во Олдсмар.

Операторот што работи во централата видел дека некој се обидува да влезе во системот, но претпоставил дека тој е супервизор, објави „Тампа Беј тајмс“.

Во текот на попладневните часови, хакерот повторно се обидел повторно и овој пат успеал да ја смени количината на натриум хидроксид. Натриум хидроксидот е главната состојка во средства за чистење на одводи.

Тој е многу корозивен и може да предизвика иритација на кожата и очите, како и опаѓање на косата. Ако се проголта, може да ги оштети устата, грлото и стомакот и да предизвика повраќање, гадење и дијареја.

Боб Голтиери, шерифот на округот Пинелас, вели дека тој не е хемичар, но оти знае дека ако се стави одредена количина од таа супстанца, тоа може да биде опасно.

– Во ниту еден момент немаше значително негативно влијание врз водата што се пречистува. Важно е дека јавноста никогаш не била во опасност – изјавил шерифот.

Пречистителната станица во Олдсмар снабдува вода за околу 15.000 луѓе и многубројни компании. Далечинскиот пристап до системот за водоснабдување е привремено оневозможен.