Холандскиот здравствен систем, кој електронски го издава кјуар-кодот за ковид-сертификатите на вакцинираните лица во земјата, периодов беше цел на хакерски напади. Имено, како што пренесе Ал џезира Балкан, во земјата во моментов е направен хаос, а нападите на хакерите врз електронскиот систем на Министерството за здравство предизвикаа целосна блокада и отежнување при вадењето на ковид-сертификатите, кои од неодамна се задолжителни и за лица над 13 години во земјата.
Пропусницата, која стана обврзувачка од саботата за поголемиот дел холандски граѓани што сакаат да влезат во ресторан или културни и спортски настани во земјата, во исто време е контроверзна тема во јавноста.
Премиерот Марк Руте ја отпушти државната секретарка за економски прашања Мона Кејцер во саботата, откако таа во интервју за „Де телеграф“ го критикуваше воведувањето на ковид-пасошот.
Критиките не беа во согласност со насоката на Владата – истакна кратко по одлуката холандскиот премиер Руте.
Инаку, како и во Европа, така и во Холандија викендов се одржаа неколку протести против задолжителната употреба на ковид-пропусницата во јавниот живот. По речиси 18 месеци, Холандија ги укина воведените мерки против ширењето на коронавирусот.
Бројот на посетители на стадиони, кафулиња и продавници повеќе не е ограничен, но потребно е да се покаже ковид-сертификат. Оние што не се вакцинирани или прележале ковид-19, може да се тестираат бесплатно. Носењето маски останува задолжително во автобусите и во возовите.
Во Холандија, околу 82 отсто од возрасните се целосно вакцинирани, јави АП.